Пребарување
Филтри
Затвори

Бибиверзум

bibiverzum

ВОВЕДЕН ЗБОР

 

Почитувани родители, ништо не е поважно за човек од тоа да биде сигурен дека неговите деца ќе продолжат по правилниот пат и дека ќе им биде добро, пријатно и безбедно во светот.

Нашата мисија како образовен центар е во промовирање на вредностите и препознавањето на вистинските потреби на децата, да учиме како да живееме добро, како и нашиот обид да се покаже и даде пример дека е потребно сериозно да се инвестира во образованието, особено во наставничката професија, која е заедничка точка на најдобрите образовни системи. Нашето мото е „ДЕЦАТА СЕ УЧИТЕЛИТЕ НА СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА“.

Ова место ја артикулира визијата за тоа какво образование е потребно за детето и како тоа да го направиме преку разновидниот пристап и богатството на образовните ресурси. Ќе се обидеме децата да влезат и во светот на имагинацијата и во светот на реалноста, обезбедувајќи им практични алатки потребни за нивниот сопствен раст и развој, креирајќи атмосфера на можности.

Трпението, разбирањето, природниот авторитет, духовитоста, фантазијата, како и почитувањето на детето се особините на нашите наставници. Нашата цел е да ги учиме децата како да мислат, а не што да мислат; да истражуваат; да се сомневаат; да прашуваат; да комуницираат; да прават грешки и да учат од сопствените грешки; и најважното - да им биде убаво и забавно додека учат и престојуваат во „Бибиверзумот“.

Искрено се надеваме дека барем малку ќе придонесеме децата да ги откријат сопствените потенцијали и да им ги всадиме доблестите, особено: праведноста, мудроста, умереноста, храброста, трпението, самодисциплината, емпатичноста, истрајноста, чесноста. Тоа се длабоките хуманистички вредности кои се основа на сè во животот.

Професор Кирил Барбареев
Координатор на програмата на „Бибиверзум“

 

ШТО Е „БИБИВЕРЗУМ“?

 

Образовниот центар Бибиверзум е дел од големата образовна платформа „Во светот на Биби“. Образовната платформа интегрира многу образовни алатки и ресурси за воспитување и образование на децата. Печатени и дигитални изданија, сликовници, боенки, училиштен прибор, играчки, друштвени игри, облека и уште многу други производи. Сите овие производи ќе бидат дел од програмата во Бибиверзум, во која ќе ги интегрираме и ќе ги користиме со цел децата да го запознаваат животот, да го доживуваат неговото богатство, да ги почувствуваат и да влезат во неговите убавини, да се соочуваат со неговите спротивности и промени, постепено да го согледуваат своето место во реалноста.

Бибиверзум е место чиј фокус е да се зајакне мотивацијата на децата за длабинско учење, да се создаде стимулативна и креативна средина за радост кон учењето, да се зајакнат размислувањето и учењето за учење. Затоа ќе применуваме различни концепти на учење согласно индивидуалните потреби на децата, користејќи ги анимациите со ликовите од „Светот на Биби“.

Програмата има воспитни и образовни цели. Образовните цели се однесуваат на когнитивната сфера на личноста, на усвојување знаења и развој на способностите и вештините, а воспитните цели се посветени на конативната и афективната сфера на личноста, на формирање ставови и уверувања, вредносни ориентации, морални особини на личноста, развој на чувствата, емоционалната интелигенција.

Програмата се базира на хуманистичките теории, педагошко-психолошките процеси за развојот на личноста на детето и има интегриран, отворен и холистички пристап во раното учење и развој кај децата.

 

ПЕДАГОШКИ ПРИСТАП

 

Програмата има основни столбови на кои се поставуваат сите активности и содржини што ќе се реализираат. Вредностите што се основа на програмата се:

  • Грижа
  • Комуникација
  • Поврзување
  • Заедништво

Интегриран пристап на работа со децата. Целта на овој пристап е да им се овозможи на децата/учениците да ги видат врските меѓу одредени предмети во училиштето и феноменот на животот надвор од училиштето. Овој пристап треба да им помогне на децата да ги поврзат знаењата и вештините од различни дисциплини, да го структурираат нивното учење, да излезат со нови прашања, како и да создадат нови знаења преку заедничко работење.

Секоја активност ќе има кратко педагошко сценарио и ќе се подготвува според трите клучни прашални збора.

Што ќе правиме?
Зошто ќе го правиме тоа?
Како ќе го правиме?

 

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН МОДУЛ ЗА УЧЕЊЕ

 

Мултидисциплинарен модул за учење – главна негова карактеристика е реализација на целите што сакаме да ги постигнеме (според планот и програмата за работа), особено развојот на трансверзалните компетенции и центарот (училиштето) како заедница за учење.

Мултидисциплинарниот пристап е концепт на кросдисциплинарно, интердисциплинарно и трансдисциплинарно учење. Тоа е однос помеѓу:

  • Автентично учење,
  • Учење преку решавање проблем,
  • Учење преку проект.

ПРИМЕР: Мултидисциплинарен модул за учење – се избира тема од современиот живот, што се однесува на животот на секој граѓанин; се комбинира содржината со различни теми и се бараат врските помеѓу темите и работите во училиштето и во секојдневниот живот.

 

ТРАНСВЕРЗАЛНИ КОМПЕТЕНЦИИ

 

Трансверзалните компетенции се состојат од: знаење, вештини, вредности, ставови и волја. Способност за примена на знаење и вештини во дадена ситуација или контекст. Трансверзалните компетенции ги надминуваат границите на дисциплините и поврзуваат различни полиња на знаење и вештини.

Принципи на култура на учење и компетенции што сакаме да ги постигнеме кај децата:

  1. Грижа за себе и за другите, управување со секојдневниот живот, за одржлива иднина и одржлив развој.
  2. Култура на изразување и интеракција.
  3. За важноста на учењето, образованието и науката.
  4. Медиумска писменост: дигитални компетенции, одговорност со медиуми.
  5. Навики кон работата, претприемништво.

 

„БИБЕВЕРЗУМ“ ЗА ДЕЦА ОД 5 ДО 7 ГОДИНИ

 

Во оваа прва фаза ќе почнеме со децата на возраст од 5 до 7 години. Тоа е возраст пред поаѓање на училиште и почетните одделенија. Тоа е период на значајни промени кај децата. Тие стануваат поодговорни и почнуваат да ги разбираат посложените односи. Се развива осет за читање и пишување. Говорот станува средство за вербално мислење и се јавува логички поврзан говор. Според развојната психологија, тоа е периодот кога се поставува основата за појавата на посложените однесувања во средното детство.

 

ВРЕМЕТРАЕЊЕ И МЕСТО НА РЕАЛИЗАЦИЈА

 

Времетраењето на активноста е 90 минути и во тој период се предвидени две паузи. Планирано е секоја активност да се реализира со максимум 8 деца.

Период на реализација: 18:00-19:30 часот од понеделник до петок

Место: Бибиверзум (ГТЦ-Скопје)

Претплати се на нашиот електронски информатор