За жал, овој производ не е повеќе достапен.
-
Почетна
/
-
Онлајн-школо „Бибиверзум“
Уписите за едукативната програма „Бибиверзум“ започнаа. Програмата ќе трае 7 месеци, ќе биде поделена во два дела, првиот дел ќе започне на 5 октомври и ќе трае до трета недела на декември а вториот дел ќе започне од февруари и ќе трае до средина на месец мај 2021. Наставата ќе биде исклучиво онлајн преку зоом, два пати неделно во времетраење од 30 до 40 минути. Имаме вкупно 12 термини поделени на претшколска (од 4 до 5.5 години) и школска група (5.5+ години).
Цената е 2000 денари / месечно.
Почитувани родители, ништо не е поважно за човекот од тоа да биде сигурен дека неговите деца ќе продолжат по правилниот пат и дека ќе им биде добро, пријатно и безбедно во светот.
Нашата мисија како образовен центар е промовирање на вредностите и препознавање на вистинските потреби на децата, да учиме како да живееме добро, како и обид да се покаже и даде пример дека е потребно сериозно да се инвестира во воспитанието и образованието, особено во наставничката професија која е заедничка точка на најдобрите образовни системи. Нашето мото е „ДЕЦАТА СЕ УЧИТЕЛИТЕ НА СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА“.
Ова место ја артикулира визијата за тоа какво воспитание и образование му се потребни на детето и како тоа да го направиме преку разновидниот пристап и богатството на образовните ресурси. Ќе се обидеме децата да влезат и во светот на имагинацијата и во светот на реалноста, обезбедувајќи им практични алатки потребни за нивниот раст и развој, креирајќи атмосфера на можности. Трпението, разбирањето, природниот авторитет, духовитоста, фантазијата и почитувањето на детето се особините на нашите наставници. Нашата цел е да ги учиме децата како да мислат, а не што да мислат; да истражуваат; да се сомневаат; да прашуваат; да комуницираат; да прават грешки и да учат од сопствените грешки; и најважно - да им биде убаво и забавно додека учат и престојуваат во „Бибиверзумот“.
Искрено се надеваме дека барем малку ќе придонесеме децата да ги откријат сопствените потенцијали и да ги всадиме доблестите, особено: праведноста, мудроста, умереноста, храброста, трпението, самодисциплината, емпатичноста, истрајноста, чесноста. Тоа се длабоките хуманистички вредности кои се основа на сè во животот.
Професор Кирил Барбареев,
координатор на програмата на „Бибиверзум“
Што е „Бибиверзум“?
Образовниот центар „Бибиверзум“ е дел од големата образовна платформа „Светот на Биби“. Образовната платформа интегрира многу образовни алатки и ресурси за воспитување и образование на децата. Печатени и дигитални изданија, сликовници, боенки, училиштен прибор, играчки, друштвени игри, облека и уште многу други производи. Сите тие ќе бидат дел од програмата во „Бибиверзум“, во која ќе ги интегрираме и ќе ги користиме со цел децата да го запознаваат животот, да го доживуваат неговото богатство, да ги почувствуваат и да влезат во неговите убавини, да се соочуваат со неговите спротивности и промени, постепено да го согледуваат своето место во реалноста.
„Бибиверзум“ е место каде што фокусот е да се зајакне мотивацијата на децата за длабинско учење, да се создаде стимулативна и креативна средина за радост кон учењето, да се зајакнат размислувањето и учењето за учење. Затоа ќе применуваме различни концепти на учење согласно индивидуалните потреби на децата, користејќи ги анимациите со ликовите од „Светот на Биби“.
Програмата има воспитни и образовни цели. Образовните цели се однесуваат на когнитивната сфера на личноста, на усвојување знаења и развој на способностите и вештините, а воспитните цели се посветени на конативната и афективната сфера на личноста, на формирање ставови и уверувања, вредносни ориентации, морални особини на личноста, развој на чувствата, емоционалната интелигенција. Програмата се базира на хуманистичките теории, педагошко-психолошките процеси за развој на личноста на детето и има интегриран, отворен и холистичкиот пристап во раното учење и развој кај децата.
ПОДДРШКА ЗА ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ
Со секоја активност е планирана и домашна задача, затоа силно ги поддржуваме семејствата што избираат нивното дете да ги извршува своите домашни задачи. По секоја активност се издвојуваат околу 30 минути за работа на задачите. (Децата можат да работат на задачите во кое било време.) Во зависност од возраста на детето, можеби ќе им треба повеќе или помалку време. Доколку сметате дека домашната задача создава непотребен стрес врз вашето дете или семејство, или ако сте незадоволни од видот или количината на доделени домашни задачи, ве охрабруваме да стапите во контакт со наставникот и да поразговарате.
КОМУНИКАЦИЈА СО СЕМЕЈСТВОТО
Отворената комуникација е многу важна за градењето искрен однос помеѓу вас и „Бибиверзум“. Ве охрабруваме и ве замолуваме секогаш да комуницирате за вашите потреби и проблеми веднаш штом се појават.
Педагошки пристап
Програмата има основни столбови на кои се поставуваат сите активности и содржини што ќе се реализираат. Вредностите кои се основа на програмата се:
Грижа
Комуникација
Поврзување
Заедништво
Интегриран пристап на работа со децата. Целта на овој пристап е да им се овозможи на децата/учениците да ги видат врските и зависноста помеѓу одредени предмети во градинката/училиштето и феноменот на животот надвор од градинката/училиштето. Овој пристап треба да им помогне на децата да ги поврзат знаењата и вештините од различни дисциплини, да го структурираат нивното учење, да излезат со нови прашања, како и да создадат нови знаења преку заедничко работење.
Секоја активност има краток опис и ќе се подготвува според трите клучни прашални збора.
Што ќе правиме?
Зошто ќе го правиме тоа?
Како ќе го правиме?
МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН МОДУЛ ЗА УЧЕЊЕ
Мултидисциплинарен модул за учење - негова главна карактеристика е реализација на целите кои сакаме да ги постигнеме (според планот и програмата за работа), особено развојот на трансверзалните компетенции и центарот (училиштето) како заедница за учење. Мултидисциплинарниот пристап е концепт на кросдисциплинарно, интердисциплинарно и трансдисциплинарно учење. Тоа е однос помеѓу:
Автентично учење
Учење преку решавање проблем
Учење преку проект
НА ПРИМЕР:
Мултидисциплинарен модул за учење – се избира тема од современиот живот, што се однесува на животот на секој граѓанин; се комбинира содржината со различни теми и се бараат врските помеѓу темите и работите во училиштето и во секојдневниот живот.
ТРАНСВЕРЗАЛНИ КОМПЕТЕНЦИИ
Трансверзалните компетенции се состојат од: знаење, вештини, вредности, ставови и волја; способност за примена на знаење и вештини во дадена ситуација или контекст. Трансверзалните компетенции ги надминуваат границите на дисциплините и поврзуваат различни полиња на знаење и вештини.
Принципи на култура на учење и компетенции што сакаме да ги постигнеме кај децата:
Грижа за себе и за другите, управување со секојдневниот живот, за одржлива иднина и одржлив развој.
Култура на изразување и интеракција.
За важноста на учењето, образованието и науката.
Медиумска писменост. Дигитални компетенции, одговорност со медиуми.
Навики кон работата, претприемништво.